Назад на Новости
ПОПОВА ШАПКА - Почетен зимски курс за алпинизам (1-3 Февруари 2008)
Во деновите од наредниот викенд на Попова Шапка ќе се одржи првиот годинашен курс за почетници во алпинизмот. Курсот се организира како дел од календарски планираните активности на Македонската алпинистичка асоцијација и Центарот за стручно оспособување при ФПСМ, во делот на едукациските активности за 2008 година.
На курсот можат да присуствуваат сите заинтересирани за обука и проширување на своите знаења во областа на зимскиот алпинизам. За време на планираните активности, како што може да се види од приложената програма за работа, ќе се работат основни техники и постапки за безбедно движење на планина, на стрмен и карпест терен, а ќе биде изведена и обука за основите на лавинологијата.
Сместувањето и официјалните активности ќе бидат во планинарскиот дом Смрека. Цената на ноќевање изнесува 300 денари.
Учеството на предавањата за време на курсот е бесплатно за сите заинтересирани членови на ФПСМ, со тоа што секој член треба да биде осигуран од несреќа и да поседува комплетна алпинистичка опрема за работа во зимски услови. Курсот ќе биде раководен од страна на алпинисти кои се подготвуваат за полагање повисок алпинистички назив (кандидати за називот Алпинист и Инструктор по Алпинизам) затоашто согласно со Правилникот за работа на МАА, подготовката за овие називи предвидува едукациска работа со почетници во алпинизмот.
На полето на обуката на почетници во алпинизмот, МАА и Центарот за стручно оспособување годишно организираат по два курса, еден зимски и еден летен курс.
Во продолжение следува преглед на работните содржини што ќе бидат опфатени за време на курсот.
Петок, 1 Февруари
19.00 - Технички состанок
19.15 - Карактеристики на планинскиот рељеф во зимски услови и ориентација - Бобан Стојанов
20.15 - Основно за планинарската и алпинистичката опрема што се користи во зимски услови - Антонио Додевски
Сабота, 2 Февруари
07.00 - Будење
08.30 - Теренска работа, работа во групи по работни места:
- Сидришта во снег и мраз - Борче Манев;
- Спуштање со јаже во зимски услови - Зоран Мајсторски;
- Падови на заснежена падина (пад и задржување на падот на неосигуран качувач, пад во наврска во движење, пад на сидриште) - Антонио Додевски;
- Движење во наврска со поставување сидришта и наизменично водство - Бобан Стојанов;
- Качување и осигурување во технички комплициран терен - Борче Манев, Зоран Мајсторски, Бобан Стојанов;
16.00 - Ручек и одмор
18.00 - Изработка на снежен бивак (теорија 15 мин, а потоа теренска работа) - Бобан Стојанов;
20.00 - Основи на лавинологијата - Антонио Додевски;
Недела, 3 Февруари
07.00 - Будење
08.30 - Лавинологија - принципи на спасување на настрадани во лавини - Антонио Додевски;
10.00 - Теренска работа:
- Изработка на снежен профил и процена на лавинската опасност - Бобан Стојанов;
- Сондирање - Антонио Додевски;
- Движење во наврска и падови на заснежена падина - Борче Манев, Зоран Мајсторски;
- Поставување шатор во зимски услови и организација на активностите во него - Бобан Стојанов;
15.00 - Затворање на собирот
Константин Циривири
|