Назад на Новости
МАТКА - Алпинистички собир - Васил Франговски (9-11 мај 2008)
Минатиот викенд од Петокот до Неделата на Матка се одржа традиционалниот алпинистички собир посветен на алпинистот Васил Франговски.
Првичната работна концепција за собирот беше на него главно да се реализираат качувања по избор, но заради структурата на учесниците, т.е. присуството на поголем број млади алпинисти кои се уште се наоѓаат во почетна фаза од обуката, програмата беше пренасочена кон обука за качување првенствени насоки и демонстрација на одредени постапки и техники за осигурување, изработка на сидришта и евакуација од карпа. Покрај тоа беа реализирани и искачувања во алпинистичките и спортско качувачките насоки на Отмарова карпа.
Работните содржини се одвиваа според следниов редослед:
Петок, 9 Мај:
- Сместување и подигнување на логорот во дворот на Манастирот Св. Никола.
- Качување во спортско качувачките насоки во близина на Манастирот.
- Вечерни дискусии и видео проекции.
Сабота, 10 Мај:
- Одавање почит и положување цвеќе на спомен плочата за Васил Франговски покрај домот на Матка.
- Изработка на сидришта во карпа.
- Качување во карпа со самостојно поставување на осигурувањето.
- Евакуација со абзелување од насока.
- Работа со френдови и чокови.
- Качување во алпинистичките насоки: "Нина", "Фифи - клин", "Матка десна варијанта", "Матка лева варијанта", "Отмарова", "Борник".
- Качување во спортско качувачките насоки: "Тигар", "Матуф екстрем", "Биг мама", "Дедо мијак", "Адинг покс", "Зелен заб", "Трите ноја", "Гуштеров лет".
Во вечерните часови беа одржани проекции на фото и видео материјал, како и дискусии на одредени теми од областа на алпинизмот.
Недела, 11 Мај:
- Качување со чокови и френдови.
- Качување во насока со самостојно поставување на клинови.
- Евакуација од карпа.
- Качување во алпинистичките насоки: "Циго", "Ветерански" и "Нина".
- Качување во спортско качувачки насоки.
На алпинистичкиот собир учествуваа алпинисти и спортски качувачи од клубовите "Матка", "Љуботен" и "Екстрем". Најголемиот број од учесниците на собирот беа млади алпинисти, кандидати за називот курсист. Поточно овој собир беше подготовка за полагање на испитите за овој назив.
Според карактерот на работните содржини и успешноста на реализираните активности, слободно може да се каже дека овој собир е еден од најуспешните кои се организирани во изминатите години, а се наменети за едукација на почетници.
Посебно радува фактот што голем дел од работните содржини како и најголемиот дел од логистичките активности беа организирани од страна на младите алпинисти, што е најсигурен доказ за квалитетот на оваа генерација, како и за исправноста на концептот на нивната едукација.
Согласно со планот за работа на Македонската алпинистичка асоцијација и Центарот за стручно оспособување, секоја година се одржуваат по четири едукативни семинари, по два зимски за почетници и напредни алпинисти и два летни, исто така за почетници и напредни алпинисти.
Во наредниот период активностите на Центарот за стручно оспособување, во делот на алпинистичката едукација, ќе бидат насочени кон уредување насоки за качување и подготовка на стручни материјали.
Наредниот собир ќе се одржи во месец Јуни 2008 година.
Константин Циривири
|