Матка
алпинистички клуб
  English version
   
М А Т К А
 
      Почетна страна
      Историјат
      Новости
      Најава на акции
      Експедиции
      Членови
      Локалитети
      Реализирани акции
      Фото-галерија
      ЦСО при ФПСМ
      Алпинистичко училиште
      Продажба на опрема
      Публикации
      Стручна литература
      Професионални водичи
      Линкови
 
К о н т а к т

Алпинистички клуб "Матка" тел:
Претседател 070 670 785
Секретар 071 626 651
адреса:
"Франклин Рузвелт" бр.68 1/2
1000 Скопје
e-mail:
contact@matkaclimbing.org
 

 

Назад на Новости

Првенствени насоки над браната Козјак (24 април 2009)

Мисија Козјак... Авантурата и рок музика од 80-тите беа нашата светла ѕвезда во овој поход кои не водеа цело време. Фаќајки ги последните зраци на сонцето успеавме успешно да искачиме дел од карпите над езерото Козјак кои ни го мамеа погледот веќе подолго време. Да, тоа беа нашите првенчиња, нашите први обиди да направиме нешто свое...првата првенствена.
Црвениот Голф како по обичај беше преполн со опрема и спремен да се справи со преизвикот да не однесе по којзнае кој пат до карпите. Четиричлената екипа се состоеше од Ристе, Панде, Никола и Цеко.
Некаде околу 18:00 часот бевме во подножјето на карпата со целата опрема на нас, многу френдови, чокови, замки, клинови и карабинери. Во првата наврска беа Ристе и Панде кои успешно ја комплетираа нивната прва насока “Астрономска”, а во втората наврска јас и Никола бевме приморани да абзелуваме пред самиот излез на карпата.
Прв пат кога ја здогледав карпата моите очекувања беа преголеми, но како се доближувавме до почетокот на нашата насока сватив дека ќе качуваме нешто екстремно ронливо, затоа што се движевме по огромни одронети парчиња од самата карпа. Вкупна висина на карпата е околу 60 метри, ронлив варовник,  јужно експониран.


Се сместивме под карпата и мошне брзо се спремивме за нашиот поход. На мене се наредив со 15 комплети, 7-8 замки и гуртни, 4 чока, 5 френда, 7-8 клина и секако останатата неопходна опрема. Никола се согласи јас да почнам со насоката, тој да оди како втор. Првиот клин го заковавме под превисчето кое беше на само 3 метри над нас. Поради екстремната ронливоста го поминавме од страна превисот за да не го загрозам партнерот кој ме осигурува од долу. Во текот на целото искачување морав да фрлам камења надолу, а Никола успешно се криеше под превисот. Не сум многу компетентен да давам оцена на насоката, но според мене се движевме во терен со оцена IV- според UIAA со некои потешки детали кои не надминуваа V. Колку и да сакав да употребувам френдови и чокови карпата не ми го дозволуваше тоа, секоја пукнатина беше и потенцијална опасност дека ако ја оптоварам некој блок ќе падне надолу, но успешно ме извадија клиновите кои многу добро влагаа во минијатурните пукнатини. На некои делови морав да правам пречки во лево и десно за да најдам добра пукнатина за клин. Веќе ја поминав половината на јажето кога останав со два клина и еден куп френдови и чокови кој не можев реално да ги искористам (згора на се и ми падна еден клин) и тука морав да донесам одлука дали нагоре по секоја цена или ќе барам некое добро место за сидриште и абзел надолу, со оглед на тоа дека веќе сонцето го немаше на хоризонтот а мојата челна ламба и јакна беа доле 40-тина метри под мене. Почнав со потрага по најидеалното место за сидриште кое подоцна ќе го искористиме за абзел. Среќата ми се насмеа наидов на релативно голема пукнатина во која многу добро се заглави еден чок, а на еден метар под него најдов и пукнатина за една жилетка, моето скромно сидриште беше спремно за да го пречека Никола горе. За три пати пократко време Никола успеа да стигне до мене, попатно успеа да турне на неколку наврати огромни блокови кои ечеа во просторот (срце ме стегаше кога ги гледав како паѓаат покрај мојот ранец, во кој беше камерата). Сепак сидриштето успеа да издржи и еден пад на Никола, со што моите сомнежи за тоа колку добро сме осигурани исчезнаа. Можеби и некој малер не следеше цело време, така заклучи Никола кога веќе бевме во колата и изморени одевме накај дома. Пред да дојде Никола до мене му откажа челната ламба, а надвор веќе беше мрак. Јас се спуштив надолу со осигурување од партнерот, а Никола остана горе да го спреми сидриштето и да абзелува. Горе оставивме два клина, две гуртни и еден челичен карабинер кои сведочат за нашиот обид, додека комплетно не ја искачиме насоката и да го поместиме сидриштето на врвот од карпата.
Јас за прв пат бев во тој прекрасен предел од Македонија, чувството беше одлично, едноставно магично. Откако завршивме со качувањето, по темницата се упативме кон колата, но не успеавме да го најдеме вистинскиот приклучок во шумата. Небото беше без месечина и единствена светлина беа само нашите две челни ламби. Не сакавме да одиме многу кон десниот раб на шумата затоа што таму е и провалијата кон патот за браната, затоа одевме малку кон лево, надевајќи се дека бргу ќе излеземе од шумата. Излезе дека шумата е поголема одошто изгледаше. Одејќи низ темницата од некаде слушнавме како доага музика. Спасени сме, си рековме, сега беше главна дилема кој би можел да биде спасителот среде оваа пустелија во 11 часот навечер, а од правецот што го следевме ечеше рок од 80-тите. Конечно стигнавме до изворот на музиката, пред тоа ги видовме и далноводите кои ни беа некој ориентир. На наше големо изненадување бевме пречекани од група астрономи кои со црвени ламби зачудено и дури и малце подисплашено не пречекаа. По кратката дружба со нив, Ристе и Никола отидоа по колата, јас го видов Сатурн низ телескоп и башка вечерта успеав да излезам во град...
Мисијата беше успешна!

Слика од насоката ќе има кога ќе ја довршиме.

Владимир Цветкоски

Во продолжение...

Откако Цеко го потроши уметничкиот израз, јас ќе се задржам на техничките детали околу целиот настан. Колата ја оставивме на исклучувањето од патот кај една импровизирана куќарка пред да почне патот да се спушта надолу кон браната. Од колата до карпата пристапот е околу 1 километар, но проблем претставува шумата што се испречува некаде на средина. Преку ден не е проблем да се помине шумата, но таа беше причина за нашето мало отстранување од патот до колата. Делот од карпата кај што бевме почнува со висина од 40 метри, но на другиот крај оди до висини и над 100 метри. Првата насока што ни падна во очи со Панде беше една интересна пукнатина под превисен дел. Почнав да водам кон пукнатината, но целата карпа беше мошне ронлива во понискиот дел и како одев нагоре стануваше се полоша. Направив сидриште малку под пукнатината на височина од 25 метри и се спуштив долу со надеж да најдеме некој побезбеден дел од карпата за да можеме да довршиме до крај барем една насока.
Не требаше многу да бараме, веднаш лево од нас имавме постабилен терен. Овој пат честа да ја започне новата насока беше Панде, кој морам да го пофалам, задачата ја изврши мошне совесно и максимално одговорно. Првата должина се движи низ плоча, малку во лево до една грмушка. Потоа следи еден жлеб кој од долу дава лажна претстава дека е лесен, а всушност е исфрлен кон надвор и десно и не дава воопшто можност за одмор, додека не се стигне до дрвото над него, кое го искористивме за прво сидриште. Дрвото се наоѓа точно 30 метри од почетокот на насоката, а бидејќи не знаевме уште колку има до горе и каков терен не очекува, овде Панде го направи првото сидриште. Тежината на првата должина според мене е од прилика IV- според UIAA и ја поминавме со употреба на 4 алпинистички клина. Втората должина ја преземав јас, но испадна дека е полесна од првата и после 30 метри директно нагоре, еден алпинистички клин и еден поставен френд, излегов на платото над карпата. Тежината на втората должина е III+ според UIAA. Од таму свртевме круг по пристапната патека и за 5 минути бевме во подножјето на насоката за да ја собереме преостанатата опрема и да се најдеме со Цеко и Никола.

Препорака: Не задржувајте се под карпата до зајдисонце, лесно се губи ориентација, особено во ноќ без месечина. Олеснителна околност ни беа астрономите со нивната гласна музика, иако веќе бевме на 100 метри од асфалтираниот пат. Шумата е густа и е невозможна за ориентација во темница. Од десно е провалија, а од лево е висорамнина која не ви дава претстава на каде се движите. Најдобро е убаво да се разгледа целиот хоризонт, па во случај на стемнување, да имате претстава на каде да се движите.

За крај уште еднаш, голема благодарност до Скопското Астрономско Друштво и во нивна чест насоката ја именувавме Астрономска III+/IV- (први качувачи Панде Фармаков и Ристе Калинов).

Ристе Калинов

Жолтата линија е нашата првобитна замисла, а црвената е новата насока Астрономска III+/IV-

 

 

 

Линкови
 

Правилник

 
 
www.plocaclimbing.com
www.apexclub.org
www.lasportiva.com


© Copyright 2007 Matka Web Team All rights reserved.